Кошаркарите на Карпош Соколи со триумф во денешната пресметка со Блокотехна (80-74) го почнаа циклусот подготвителни натпревари во пресрет на новата сезона во која настапот во двете домашни натпреварувања ќе дебитираат и во Лигата на шампионите на ФИБА.
Гостите од Гевгелија одлично почнаа, постигнувајќи ги првите 11 поени на средбата што им ја донесе иницијативата и резултатската предност во првата четвртина. Но, во вториот период избраниците на тренерот Борче Даскаловски влегоа во посакуваниот ритам и со агресивна одбрана направија пресврт и на одмор заминаа со минимална позитива (43-42). Кошаркарите на Блокотехна, сепак, не се предадоа и повторно го презедоа водството, кое на пет минути до крајот на средбата изнесуваше 61-68 во нивна корист.
Тоа како да ги налути „соколите“, кои потоа направија серија 18-4 со која повторно го свртеа резултатот и ја осигураа победата, прва во пријателските дуели и прва за Даскаловски како прв тренер на екипата.
Дарко Соколов и Џејлон Браун со по 16 поени беа најпрецизни во тимот на Карпош Соколи, Жарко Чомагиќ постигна 14, Драган Лабовиќ 12, а двоцифрен ефект имаше и Стојан Ѓуроски со 11 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА