Раководството на Ферари пронајде заеднички јазик со Себастијан Фетел, па германскиот возач денеска ги отстрани сите дилеми околу својата иднина потпишувајќи нов договор со италијанскиот тим. Актуелниот договор на Фетел истекуваше на крајот на годинава, екс-шампионот во меѓувреме беше поврзуван со преселба во неколку тимови, за на крајот сепак да пресече и да потпише со Ферари до крајот на 2020 година.
„Скудерија Ферари го продолжи договорот со Себастијан Фетел за тркачките сезони во 2018, 2019 и за 2020 година“ – се вели во краткото соопштение на италијанскиот тим.
Фетел моментно е лидер во генералниот пласман со 202 бода, триумфирајќи на четири трки од Ф1 шампионатот оваа сезона. Тој има вкупно седум победи во болидот на Ферари, откако во 2015 година пристигна од редовите на Ред Бул.
Само за потсетување, Ферари минатата седмица потпиша нов едногодишен договор и со Кими Раиконен, па јасно е дека италијанскиот тим нема да прави никакви промени во возачката постава за наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА