Вардар испиша историја со првиот пласман во Европската лига, но затоа денешниот датум по црно ќе го памети Динамо Загреб. Хрватскиот гигант беше елиминиран од албански Скендербег, откако по оние 1-1 во Загреб фудбалерите на Динамо одиграа само 0-0 на реваншот во Албанија. Со тоа, „модрите“ за првпат не се пласираа во групната фаза од европските натпреварувања по пауза од цели 11 години.
Идентична елиминација како Динамо Загреб доживеа и Легија, која по ремито од 1-1 на домашен терен со Шериф, одигра 0-0 на гостувањето во Молдавија, овозможувајќи му на противникот да испише историја.
Покрај сензационалната елиминација на Фенербахче од страна на Вардар, второ најголемо чудо е што во Лигата на Европа ќе го нема ланскиот финалист Ајакс. Холандскиот гигант загуби на првиот дуел дома со Розенборг, на гостувањето во Норвешка имаше предност од 1-2, но прими два гола во последните десет минути и доживеа шокантна елиминација.
Покрај Динамо Загреб елиминиран е и Хајдук, по ремито на „Пољуд“ против Евертон (1-1), откако сплитскиот клуб го загуби првиот натпревар во Англија со 2-0.
Вредна за истакнување е и убедливата победа на Партизан, кој славеше со 0-4 среде Унгарија над Видеотон за пласман во групната фаза, додека АЕК со победа од 3-0 го елиминираше Бриж.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА