Што е следно: Ќе играме со Албанија и Ерменија за да го стигнеме Косово

Целосен потоп доживеа македонската кошарка летово откако нашиот национален тим не успеа да ги мине претквалификациите за СП 2019, освојувајќи го третото место во групата со Естонија и Косово.

Задоволството при ждребот беше очигледно, па затоа и сега разочарувањето е толку големо, сите се свесни дека е допрено дното, а патот нагоре ќе биде исклучително долг и тежок, со оглед на квалитетот што го поседуваме, но и младите генерации кои доаѓаат, закопани во долниот дел од табелата од Б дивизиите на европските шампионати на кои учествуваат.

Непласманот во главната квалификациска рунда за СП воедно значи и преселба во најнизок ранг на натпреварување, па така сега Македонија ќе биде принудена да игра претквалификации за Евробаскет 2021. Од ФИБА се уште нема официјална потврда, но според најавите би требало пред нас да се дуели со најслабите европски селекции како Гибралтар, Андора, Луксембург… на кои покрај Македонија ќе им се приклучат останатите репрезентации кои не се пласираа во квалификациите за СП 2019 (Португалија, Ерменија, Словачка и Албанија).

ФИБА наскоро ќе ги објави деталите околу овие претквалификации, за кои се знае дека ќе стартуваат на 23 ноември годинава, а ќе завршат во август 2019 година.

fiba kalendar

Само со добри резултати во овие претквалификации може да се стигне до главната квалификациска рунда за наредниот Евробаскет, а таму… Илузорно е да се влегува во натамошни математики и прогнози, кога ќе се соочите со реалноста дека пред шест години бевме четврти во Европа, пред само две игравме Европско Првенство, а сега сме дел од европската кошаркарска мизерија.

Се вчитува...