Ливерпул останува на ставот дека нема намера да го продаде Филипе Кутињо без оглед на огромната офанзива на Барселона, па англискиот премерлигаш попладнево одби уште една мегапонуда на каталонскиот гигант. Имено, Барселона по одбиените 110 милиони евра се врати со нова понуда, овојпат од 125 милиони евра. Сепак, не минаа ниту триесетина минути до огласувањето на Ливерпул, па „црвените“ повторно експресно ја отфрлија можноста да го продадат својот најдобар играч, потенцирајќи дека тој ќе остане на „Енфилд“ во текот на оваа сезона.
Каталонскиот гигант го „пикираше“ Бразилецот како едно од клучните засилувања по заминувањето на Нејмар, но како што стојат работите тешко дека ќе успеат да се договорат со Ливерпул.
Кутињо нема да настапи ниту на утрешниот дуел против Кристал палас, наводно поради повреда на грбот, но „црвените“ се надеваат дека во најскоро време ќе го убедат овој фудбалер да остане уште најмалку една година, за што поскоро да му се стави на располагање на Јирген Клоп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА