Македонската прволигашка сцена се чини немала поскромен летен трансфер период во последните пет години, откако Вардар и Шкендија по финансиската стабилизација се одлучија да градат „европски“ тимови. Со одредени мали исклучоци, апсолутно ниту се купуваше нешто подраматично, ниту, пак, клубовите се одлучиja нешто да продадат надвор од нашите граници во овој преоден рок.
Погледнувајќи ги двата најдобри македонски клубови, и Вардар и Шкендија се одлучија да останат главно со истиот играчки кадар од минатата сезона. „Вардарци“, за трката по четвртата едноподруго шампионска титула, донесоа единствено двајца млади фудбалери Висар Муслиу од Ренова и Бесар Исени пред кои е можност за докажување во црвено-црните редови, додека Шкендија, ангажирајќи анонимци од околината, единствено вистински е засилена на тренерската позиција со Ќатип Османи.
Пелистер донесе неколку нови имиња кои може да ги освежат битолските редови во новата сезона, пред се Оливер Пеев, Јовановски, Љамчевски, Драгарски…, но дефинитивно најголема новина во играта на тимот се очекува да донесе новиот тренер, прославеното наше фудбалско име Срѓан Захариевски.
Работнички со сериозни промени во составот ја чека новата сезона по заминувањето на дел од своите најдобри фудбалери, Елиф Елмас, Филип Ивановски, Ванче Шиков, Горан Силјановски…, но „романтичарите“ како и секоја година и натаму остануваат меѓу фаворитите за највисок пласман во лигата.
Во трката за првите четири места на табелата сигурно остануваат и Силекс кој доведе десет нови имиња во играчкиот кадар, но и Ренова која сезонава посакува европски излез. Победа најавува можност за пријатно изненадување, посебно по ангажманот на неколку докажани прволигашки фудбалери.
Ако од некого се очекува да донесе позитивна свежина на прволигашката сцена тоа дефинитивно е новиот прволигаш Академија Пандев, која со четири квалитетни засилувања го стартува натпреварувањето. Меѓу нив и поранешен фудбалер на Фиорентина и Месина, Италијанецот Џулио Грифони. Сепак, како што велат „академците“ нивна основна цел за оваа сезона е опстанокот во Првата лига. Какви што без сомнение ќе бидат и амбициите на Шкупи и Скопје.



Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

