Иднината на Филипе Кутињо во Ливерпул повторно е доведена во прашање откако Бразилецот попладнево поднел официјално барање за трансфер, за да му биде дозволено да се пресели во редовите на Барселона.
Раководството на „црвените“ денеска излезе со соопштение дека нема намера да ги разгледува понудите за својот најдобар фудбалер и дека тој сигурно ќе остане во Ливерпул и по завршувањето на преодниот рок. Како што јавуваат британските медиуми, неполн час подоцна пристигнало барањето за трансфер од страна на Бразилецот, кое веднаш било одбиено од страна на раководството на клубот.
Американските газди се свесни дека со зелено светло за трансфер ќе предизвикаат огромен револт кај навивачите, но и кај Јирген Клоп, па ќе настојуваат во следните денови да ги смират тензиите за Кутињо да остане. Британските медиуми тврдат дека Кутињо воопшто не е повреден како што се тврди, туку нема да игра утре против Ватфорд само поради желбата да издејствува трансфер, но останува да се види колку бразилскиот плејмејкер е подготвен да оди во „војна“ против Клоп и управата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА