ДРИБЛИНГ: Самсоненко, колко „Јужна“ кошта!?

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Некои работи со пари не се купуваат… Соништата, љубовта, идеалите, вербата, чесноста и традицијата…, на кантар не се мерат! Така барем не учеле и воспитувале нас обичните. Исто како што и во македонскиот спорт, со Вардар – пазар не бидува! Е, така барем било досега. Се до вчера кога актуелното раководство на клубот, и тоа токму во годината кога се слави 70 години битисување, одлучи да распродаде едно парче вардарово од душата.

Да не се лажеме. Шокирачки делуваше за комплетната домашна фудбалска јавност висината на цената на билетите која ја одреди Вардар за дуелот со Фенербахче… Но, тоа беше главно за оние останатите. И тоа е посебнa тема, за анализа и детализирање. За „вардарци“ и оние „црвено-црни вистинските“ единствено шокирачка е одлуката половина стадион да им се продаде на гостите, со се „Јужна“ во него! Преседан, за првпат во историјата за кој не слушнале ни светот ни Европа. Токму шокирачка е единствено намислата да се тргне во распродажба на вардарството! Само кој да разбере…, посебно од оние кои сега гo водат клубот а не знаат што во суштина значат и Кампинг, и Жабар, и „Јужна“, и Вардар!

Дека во ова раководство на Вардар ќе нема многу вардарство знаевме уште со назначувањето на анонимни послушковци на бројните директорски позиции кои немаа ниту најмала црвено-црна боја во себе, веднаш по преземањето на клубот од страна на Сергеј Самсоненко во 2014 година. Дека во овој Вардар ќе нема многу вардарство се виде и од заминувањето на Хаџиевски по само три месеци во клубот… А, дека нема многу вардарство е очигледно и по безгласноста на Дарко Панчев, кој пет месеци по влезот во клубот го нема ни со стас, ни со глас! За жал, тешко за признавање, ама само украс! Но, дека на ваков начин ќе се удира по навивачите, и оние најжестоките и оние само искрено вљубените, никој не помислуваше.

Некои работи со пари не се купуваат… Посебно не „Јужна“, за вистинските вардарци секогаш вредна и култна! Иако некои, ете денеска при актуализација на темата, сакаат да потенцираат дека само „Запад“ е всушност тој кој се врзува за Вардар, за оние вистинските вардарци добро е познато дека Јужна е синонимот за „црвено-црните“, се до 1987 и појавувањето на „Комитите“…

IMG_4638

Затоа и се поставува прашањето, знаат ли ова раководство на ФК Вардар и неговиот сопственик Сергеј Самсоненко, колку кошта „Јужна“!? Ако веќе се решиле да ја распродаваат неа и сите нејзини спомени кои ги носи за Вардар и неговите бои, дали барем и ја знаат цената…? Дали оние милион(и) евра, за кои се шпекулира, дека би се добиле од Турците, се вистинската вредност за „Јужна“!? Дали тие пари ќе може да ги покријат сите нервози, солзи таговници или радосници на Шиц, Љупчо или „Стара гарда момците“? Дали се повредни од коските оставени на неа на „Перо старо“, „Перо Комита“ или „Чичко Перо“, како сакате, кој од „Јужна“ не се делеше!? За вистинските вардарци сигурно НЕ! За оние во фотељите на клубот, сигурно ни Перо, ни Шиц, ни останатите…, ни солзите, ни спомените, секако ништо не значат! Кога најважни се парите!

А, еве нека и патетиката, ако некои така сметаат, на страна ја оставиме. Ете, нека не беше и „Јужна“ таа за финансиски интереси распродадени, но „неважната“ и историски незначајната Северна трибина. Ништо во суштина сигурно нема да променеше. Затоа што која е пораката која ја испраќа Самсоненко и неговото раководство, прво до своите фудбалери а потоа до навивачите, со определбата половина стадион да им отстапи на гостите? Откажување од минимум амбициите за успех и пласман во групите…!? Бело знаме и предвремено предавања, или сам од себе откажување!? Наспроти „богатиот вокабулар“, уште по неговото добивање на клубот, за место во групите меѓу европски најдобрите! Но, сето тоа е сега заборавено. Најважни се сега парите!?

Самсоненко очигледно тргна во војна со навивачите… Велат, во битката меѓу суетата и инаетот секогаш е најдобро да победи разумот. Иако, разумот е нешто спротивно на парите… Колку помалку го имаш толку си позадоволен! Можеби сега е дојдено време за помалку задоволство а повеќе разум кај оние недоволно запознаените со историјата на клубот кој го водат. Затоа што распродажбата на „Јужна“, како еден од симболите на вардарството, на ваков начин, и тоа како може да кошта! Многу повеќе од сите претходни грешки!

Се вчитува...