Скопје и Македонија се апсолутно подготвено да бидат домаќини на УЕФА Супер Куп, кој ќе се одржи во вторник на „Телеком Арена“ , а ќе се сретнат европските гиганти Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.
Градот Скопје е целосно подготвен да ги пречека илјадниците навивачите кои ќе пристигнат од сите страни на светот.
Најголемиот број од активностите кои се организирани од страна на Град Скопје ќе се одржат во „неутралната фан зона“ на плоштад „Македонија“, која денеска ја посетија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски.
„Изминатиов период направивме се за Скопје да кулминира во совршена локација за Супер Купот. Градот Скопје преку своите јавни претпријатија активно работеше на исполнување на овие барања и стандарди, на подобрување на изгледот и хигиената во Скопје. Скопското Кале на 26ти јули конечно светна во боите на Супер Купот. Воедно, за посетителите од странство подготвивме и промотивно видео кое имаше за цел да ги запознае со знаменитостите на Скопје. Пред неколку денови започнавме и со подготовките во „неутралната фан зона“ каде ќе се одвиваат поголемиот број на активности. Истата на 7 и 8 август ќе работи од 11 до 19 часот и истата ќе изобилува со многу активности и богата музичка програма која има за цел анимација на посетителите. Тука сите ќе можат да играат 1 на 1 фудбал, фудбалски тенис, да шутираат пенали, а и да си ги испробаат своите способности во freestyle фудбал. Сите кои ќе ја посетат „неутралната фан зона“ ќе имаат можност да се фотографираат со трите трофеи на УЕФА, трофеите на Супер Купот, Лигата на шампионите и Лига Европа, а за анимирање и забавување со фановите секако ќе се погрижи и маскотата на Супер Куп 2017 Скопје“, – истакна градоначалникот Трајановски.
На плоштадот Македонија овие два дена ќе има богата музичка програма, каде утре ќе настапат Симона Попоска, DJ Mats, Contru DJ и DJ Branchez, додека на 08.08.2017 (вторник), се очекуваат настапите на Сара Мејс, DJ Dela, Brass Brothers и DJ Bobi.
Град Скопје подготви и специјални „собирни точки или точки на тргнување“ за двете групи на навивачи од каде ќе се упатат кон арената во боите на својот омилен клуб. Навивачите на Реал Мадрид ќе се сретнат на плоштад „Филип Втори“, а навивачите на Манчестер Јунајтед на платото пред спомен куќата на „Мајка Тереза“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА