Петар Наумоски го преживеа ланскиот бунт на клубовите и ја доби довербата да продолжи да ја води Македонската Кошаркарска Федерација, но прославениот кошаркар по се изгледа нема да остане на претседателската функција до крајот на својот мандат. Имено, добро упатени извори за ЕКИПА тврдат дека Наумоски сериозно ја разгледува опцијата до крајот на оваа година да си замине од МКФ за да застане на чело на сопствен кошаркарски проект, под називот „Академија Наумоски“.
Првиот човек на МКФ веќе инвестираше значителни средства во изградба на нова сала, која ќе се наоѓа во близина на СЦ „Јане Сандански“ во скопската населба Аеродром. Напорно се работи на реализација на овој проект, за кој Наумоски и неговите најблиски соработници очекуваат да биде финиширан за неколку месеци, за да може потоа поранешниот македонски капитен потоа да ја стартува со работа својата академија, по примерот на фудбалскиот ас Горан Пандев во Струмица.
Овој проект ќе значи и судир на интереси, што дефинитивно ќе придонесе да дојде до „бунт“ кај оние клубови кои и минатата година се обидуваа да го сменат Наумоски. Фијаското на националниот тим кое се поклопува токму со доаѓањето на Петар Наумоски за претседател (пред да дојде на чело на МКФ, Македонија имаше пласман на Евробаскет 2015, две години подоцна сме далеку и од главните квалификации), само уште повеќе ќе го зголеми притисокот врз актуелниот претседател, кој и самиот е свесен дека нема да може уште долго да остане на чело на „куќата на кошарката“, па подобро за него ќе биде целосно да се посвети на „Академија Наумоски“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА