Интернационалната светска телевизиска мрежа објави дека УЕФА Суперкупот 2017 кој во вторник се игра меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед на „Телеком арената“ во Скопје ќе биде еден од најгледаните спортски настани во светот за 2017 година, што без сомнение претставува огромна промоција за Македонија во светски рамки.
Веќе е најавено дека пренос во живо од фудбалскиот спектакл од главниот град на Македонија во вторник ќе има на повеќе од 300 телевизиски канали ширум планетата, со проценка дека се очекува да биде следен преку ТВ екраните од повеќе од 500 милиони љубители на фудбалот. Тоа, всушност, треба да биде и втор најгледан спортски настан во последниве години по ЛОИ кои минатата година се одржаа во Бразил.
Како што е познато, вообичаената гледаност на најголемите фудбалски клупски настани се движи меѓу 200 и 500 милиони гледачи пред ТВ екраните, но проценката овој пат е дека Суперкупот 2017 од Скопје ќе има огромна гледаност поради атрактивноста на двата тима, и фактот дека е прв официјален натпревар под капата на УЕФА како почеток на новата натпреварувачка сезона.
УЕФА претходно објави дека пренос во живо од Суперкупот во Скопје ќе има официјално во 228 земји во светот, на повеќе од 300 ТВ канали. Во Македонија, за оние кои не успеаја да стигнат до посакуваниот билет, сигнал од „Телеком арената“ ќе пренесуваат МТВ и Арена спорт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА