Жозе Мурињо во вторник на „Телеком Арената“ во Скопје го очекува нова битка во кариерата за освојување на УЕФА Суперкупот, единствениот трофеј кој недостасува во неговата фудбалска биографија.
Пред доаѓањето на експедицијата на Манчестер јунајтед во Скопје, Мурињо во интервју за официјалната интернет страница на УЕФА ја потенцира желбата да стигне до трофејот иако е сосема јасно дека фаворитската улога ја носи Реал Мадрид. Но, јасно е дека и двете екипи ќе бидат повеќе од мотивирани да стигнат до титулата…
„Ова е фантастична можност да играме против најдобриот тим во Европа, но сосема поразлично од оној пријателски натпревар во САД, затоа што сега ќе бидат во топ-форма и максимално мотивирани. Ова е еден нов Манчестер јунајтед, и затоа за нас е многу важно искуството кое го добиваме од едни вакви натпревари“ – вели Жозе Мурињо, притоа осврнувајќи се на фактот дека никогаш досега во својата кариера не го освоил трофејот од УЕФА Суперкупот.
„Секогаш кога се натпреварував на УЕФА Суперкупот, беше тоа како победник во Лигата на Европа. Кога стигнав до титулата во Лигата на шампионите со Порто, заминав од Порто. Истото беше и со Интер, па никогаш не сум се натпреварувал на Суперкупот со најсилниот тим. И сега е истата приказна. Со Манчестер јунајтед играм против Реал Мадрид, освојувач на ЛШ. Но, се надевам дека овој пат ќе ми се посреќи и ќе го освојувам Суперкупот“.
Има ли притисок поради тоа што Мурињо се соочува со својот поранашен тим?
„Не, никогаш не гледам така на работите… Не се оптоварувам со тоа дали во минатото сум работел во клубот. Јас го гледам Реал Мадрид како што е: голем клуб, европски шампион, и секако сите носиме огромна мотивација кога се игра со еден таков тим“ – вели португалскиот стратег во пресрет на утрешното пристигнување во главниот град на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА