Македонските репрезентативци Стефан Ристовски и Леонард Жута со тимот на Ријека ќе излезат на мегдан со Олимпијакос, во обид да обезбедат место во групната фаза од Лигата на шампионите. Денешниот ждреб не му беше наклонет на хрватскиот првак, кој во четвртата квалификациска рунда налета на грчкиот гигант, кој важи за еден од најреномираните клубови во оваа фаза од натпреварувањето.
Данскиот првак Копенхаген, кој во минатото коло го елиминираше Вардар, имаше многу среќа при ждребот, па за противник ја доби екипата на Карабах од Азербејџан. Селтик за противник ја доби Астана од Казахстан, додека Марибор ќе ги одмери силите со израелскиот првак Хапоел Бер Шева.
Во делот од ждребот за „нешампиони во своите држави“ Наполи ќе се пресмета со Ница предводена од Марио Балотели, додека Јирген Клоп со Ливерпул ќе се врати назад во Германија, на пресметки со екипата на Хофенхајм. Севилја ќе се сретне со турскиот Башакшехир, ЦСКА Москва ќе се бори за место во групната фаза со швајцарскиот вицепрвак Јанг бојс, а Спортинг Лисабон го очекува двомеч со романскиот ФЦСБ (поранешна Стеауа).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА