Македонија за првпат во историјата ќе има два свои претставници во пресрет на плејоф коло во едно европско фудбалско натпреварување. Првакот Вардар и вицепрвакот Шкендија ќе се најдат во барабаните на утрешниот ждреб во Нион, и ќе ги добијат своите противници како последна пречка до групната фаза во Лигата на Европа. Но, не ги чекаат нималку лесни ривали. Напротив.
Клупскиот рејтинг на Вардар и на Шкендија ги сместува во групата на неносители, а тоа значи дека ќе добијат носител за ривал. Еден од условно „најлесните“ можни противници од тој дел на барабаните е српскиот првак Партизан, кој дојде во плејоф колото откако беше елиминиран од Олимпијакос во третото квалификациско коло во ЛШ. Можеби и данскиот Митјиланд, би бил поволен ждреб.
Но, многу поголеми се шансите Вардар и Шкендија да добијат атрактивни противници. Во опција засега се италијанскиот гигант Милан, рускиот Зенит, англискиот премиерлигаш Евертон, францускиот клуб Олимпик Марсеј, шпанскиот прволигаш Атлетик Билбао, турскиот Фенербахче, холандскиот Ајакс, украинскиот Динамо Киев, австрискиот Салцбург, но и грчкиот ПАОК…
Ждребот за Лигата на Европа е закажан за 13 часот, а до тогаш веќе ќе има и скусен избор на можни противници за Вардар и за Шкендија. Првите мечеви ќе се играат на 17.август, а реваншите на 24.август.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА