Одлуката на шпанската „Ла Лига“ да не ја прифати уплатата од 222 милиони евра за автоматски раскин на договорот меѓу Барселона и Нејмар предизвика бурни реакции ширум Европа. И додека Шпанците тврдат дека е легитимно правото на челниците на лигата да бараат потекло на парите, правниците тврдат дека ситуацијата е јасна бидејќи согласно правилата исплата на наведената сума во договорот значи и автоматски раскин на истиот, без притоа да се бараат дополнителни гаранции ниту од клубот, ниту од лигата.
Во тој правец е и реакцијата на Француската професионална лига (ЛФП), која остро го критикуваше односот на “Ла лига“, порачувајќи дека е подготвена правно да им помогне на ПСЖ и на Нејмар за трансферот што поскоро да се комплетира.
„Изненадени сме и не можеме да го разберем одбивањето на „Ла Лига“ едноставно да ја прифати уплатата и да ја активира клаузулата за раскин на фудбалерот Нејмар. ЛФП ја повикува „Ла Лига“ да се однесува одговорно и да ги спроведува правилата наложени од ФИФА. ЛФП целосно ги поддржува ПСЖ и Нејмар, желбата на фудбалерот да се приклучи на францускиот шампионат, воедно и ги ставаме своите правни услуги на располагање, се со цел што поскоро да биде комплетиран трансферот на Нејмар“ – се вели во соопштението на ЛФП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА