Македонија игра очајно прво полувреме и заслужено има двоцифрена негатива на дуелот со Косово, на стартот од претквалификациите за СП 2019.
Нашите репрезентативци се далеку под своето ниво, играат слабо во одбраната, но уште потрагична е играта во нападот, па убедливата разлика е сосема заслужена. Атмосферата не е толку непријателска колку што се стравуваше, но „црвено-жолтите“ сепак не успеваат да го најдат посакуваниот ритам.
Косово е во водство од самиот почеток, домаќините се одлепија со серија од 10-0 за водство од 19-8, по што целосно го контролираа резултатот. Згора на тоа, Теодор заработи три лични грешки, а токму по излегување на Американецот во нашите редови домашниот состав уште повеќе ја зголеми предноста, па на одмор Косово замина со двојно повеќе постигнати поени од нашиот состав (40-20).
Статистички, шутот за тројка е очаен откако погодивме само еден обид од вкупно 13-те кон противничкиот кош, а не функционира ниту скокот, па на домаќините им дозволивме 10 офанзивни скокови, по кои најчесто следеше лесна реализација под нашиот кош.
Јасно е, нешто мора да се менува, а на селекторот Давитков е да најде начин да ги разбуди кошаркарите кои наместо будење, продолжуваат со очајните игри од претходниот квалификациски циклус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА