Познати се официјалните состави за вечерашниот реванш натпревар меѓу ФК Копенхаген и Вардар, во рамките на третото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Тренерот Гоце Седлоски се реши за една промена во првиот тим, откако го уфрли Дамир Којашевиќ на крилната позиција, на местото на Дејан Блажевски.
Во Скопје, Блажевски беше стартер, а Којашевиќ влезе во игра во вториот дел од натпреварот и имаше фантастична можност да зголеми на 2-0, која не ја реализира.
На голот е Гачевски, централни дефанзивци се капитенот Грнчаров и Новак, а по страничните позиции ќе делуваат Хамбарџумјан и Демири. Во средниот ред, Спировски и Николов, пред нив Фелипе, на десната крилна позиција Барсегјан, на левата ќе биде Којашевиќ, а најистурен во нападот Џонатан Балотели, стрелецот на единствениот гол од првиот дуел.
Тренерот на ФК Копенхаген, Стале Солбакен, исто така со само една промена, и тоа принудна, на десната бековска позиција. На местото на повредениот Боилесен, сега ќе игра Томсен. На голот е Олсен, централни дефанзивци се Луфтнер и Јохансон, десен бек Томсен, а на левата бековска позиција Бенгтсон. Во средниот ред се Грегуш и Квист, како и Туту и Вербич, кои делуваат странично. Во нападот се Андрија Павловиќ и Федерико Сантандер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА