Балотели: Сонувам да дадам гол за Вардар во групите на ЛШ, можеби ќе ми се оствари…

Вардар вечерва (20 часот) на „Паркен“ стадионот во Копенхаген го игра реванш натпреварот од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите. Со голот што го постигна Џонатан Боарето Балотели на првиот меч во Скопје, на „Телеком Арена“, има предност од 1-0, со што се зголемија надежите дека македонскиот првак може да направи уште една сензација и да се избори за плејоф коло во елитното европско клупско натпреварување. Би било тоа продолжување на бајката и најголем клупски успех за најтрофејниот македонски фудбалски колектив, кој оваа година слави и 70 години од своето постоење.

Балотели „распали“ со волеј удар во 65.минута од првиот натпревар во Скопје и ја затресе мрежата на ФК Копенхаген. Се надева дека ќе има можност за ’реприза’ и на вечерашниот дуел во Данска, а сонува да постигне гол за Вардар во групната фаза од Лигата на шампионите.

IMG_4714

„Ни претстои голем меч, ја чувствуваме еуфоријата и поддршката од фановите, и тоа ни дава уште поголема самодоверба. Ќе се трудиме да ги израдуваме уште еднаш. Би била тоа сензација, најголем успех на клубот во неговата историја. Мислам дека сме подготвени да одиграме уште подобар меч во Данска, и да го елиминираме Копенхаген. Тие се мошне квалитетен тим, тоа мора да се признае. Нема да биде лесно, искуството и традицијата се на нивна страна. Но, ние имаме огромна желба да успееме, а увидовме и дека имаме квалитети за да им се спротивставиме и да бидеме подобри. На таков начин, со таква мотивација, ќе истрчаме и на реваншот“, вели Џонатан Боарето Балотели.

Имаше шанса и за втор погодок на првиот меч во Скопје, но не успеа. Сега од него се очекува да биде перманентна опасност по голот на ФК Копенхаген и на вечерашниот натпревар.

„Со Господ напред, се надевам дека ќе одиграме на потребното ниво. Јас сум задолжен за голови, ќе се трудам максимално, но нека стрела било кој, важно е да постигнеме гол, така би биле многу блиску до реализација на целта и пласман во следната рунда. Инаку, мојата желба е да дадам гол за Вардар, но во групите од Лигата на шампионите. И искрено се надевам, дека таа желба ќе ми се оствари“, истакнува бразилскиот напаѓач.

Оптимистички гледаат „вардарци“ на вечерашниот реванш натпревар против ФК Копенхаген. Дуелот почнува во 20 часот на „Паркен“ стадионот, а директен ТВ пренос љубителите на фудбалот во Македонија ќе можат да проследат на ТВ Нова.

Се вчитува...