Вардар има огромна можност да оствари историски резултат на меѓународната сцена и со елиминација на данскиот првак ФК Копенхаген за првпат во клупската историја да обезбеди учество во групна фаза од едно европско натпреварување. Вечерва (20 часот) „црвено-црните“ го играат реванш натпреварот од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите, и со себе од Скопје понесоа предност од 1-0, од првиот меч на „Телеком Арена“. Следуваат решавачките 90 минути на „Паркен“ стадионот во Копенхаген, и целата македонска спортска јавност посакува вардарци да успеат во својата цел – да го елиминираат Копенхаген.
И тоа ќе биде навистина голем подвиг. Затоа што ФК Копенхаген е клуб со голема традиција и успеси во Европа. Во последните 11 години, клубот дури 10 пати бил учесник во групите од Лигата на шампионите или Лигата на Европа. Тоа е секако за максимален респект, но и не треба да ги исплаши вардарци во намерата да одиграат најдобро што знаат и умеат на вечерашниот дуел.
На „Паркен“ минатата сезона гостуваа Порто, Лестер, Клуб Бриж, АПОЕЛ, а во не така далечното минато и најголеми европски гиганти како Реал Мадрид и Јувентус, во сезоната 2012/13. Претходно и Челси, Барселона, Панатинаикос, Плзен…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА