Арбитри од Босна и Херцеговина, Украина и Грција ќе бидат задолжени за делење на правдата на вечерашниот дуел од претквалификациите за СП меѓу Косово и Македонија, што ќе стартува во 20.15 часот во Приштина.
Во ситуација кога станува збор за претквалификациски дуели, јасно е зошто ФИБА не се решава за арбитри од својот прв ешалон, па така овој дуел им го додели на Петар Обрадовиќ од БиХ, Борис Шулгга од Украина и Николаос Сомос од Грција, додека делегат на натпреварот ќе биде Црногорецот Небојша Милошевиќ.
Селекторот Јорданчо Давитков на прес-конференцијата на почетокот од оваа седмица истакна загриженост дека судиите би можеле да потпаднат под притисокот од трибините, со оглед на фактот дека се очекува над 8.000 фанови да создадат „жешка атмосфера“ во салата.
„Сите знаеме дека пред нас е тежок натпревар, во кој ќе има притисоци од сите страни. Колку што имам информации, салата е распродадена, ќе има притисок од трибините, ќе видиме каков ќе биде критериумот на судење. Ние ќе мораме да се прилагодиме на се, да одиграме како што знаеме, пред се во одбраната“ – изјави Давитков.
Без оглед на критериумот, јасно е дека нашите кошаркари мора да останат смирени и да ја наметнат својата игра, бидејќи квалитетот е на страната на Македонија, но тоа треба да се потврди на жешкиот терен во Приштина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА