Алексис Санчез денеска за првпат се појави на тренинзите на Арсенал, откако пред извесно време јавно истакна дека би сакал да ги напушти „топчиите“ во желба и во следната сезона да игра во Лигата на шампионите. Лондонскиот клуб сезонава ќе се натпреварува само во Лигата на Европа и не ги задоволува „критериумите“ на својот најдобар фудбалер, кој има само уште 12 месеци од актуелниот договор со „топчиите“ и доколку не биде продаден, наредното лето би можел да си замине како слободен играч од тимот на Арсен Венгер.
Санчез доби продолжен одмор поради настапот на Купот на Конфедерациите, но потоа го навлече бесот на дел од навивачите откако се пожали дека е болен, па доцнеше со враќањето назад во Англија. „Топчиите“ премолчија со официјален став за ваквиот однос на својот најдобар фудбалер, но Алексис денеска веќе немаше нови изговори, пристигна со приватен авион во Лондон, по што веднаш му се стави на располагање на Арсен Венгер.
Францускиот стручњак инсистира дека Алексис ќе остане во Арсенал, но во моментов е многу тешко да се поверува дека тој ќе успее да го убеди чилеанскиот ас да потпише нов договор. На крајот конечниот збор ќе го има управата на „топчиите“, дали ќе избере да го задржи најдобриот фудбалер дури и по цена да загуби околу 50 милиони евра, пари што Арсенал без проблеми може да ги добие доколку летово го продаде ексфудбалерот на Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА