Младите македонски ракометари се шести во светот, доаѓа новата генерација достојна на претходната
1.Вредат за сите верби и пофалби
Кога сме 15-ти велиме дека пласманот не е битен, туку важна е играта, таму некаде до 53 или 35 минута, по потреба, како кога. Но, сега излезе дека е важна играта, ама важен бил и пласманот. И тоа како!
Македонија е шеста ракометна сила во светот, во машкиот младински ракомет. Младите македонски ракометари со настапот на СП (У21) во Алжир ни ги стоплија срцата во овие жешки јулски денови. И, нормално, одново ја кренаа гордоста на македонската ракометна нација.
Ниедна друга македонска репрезентација не го оставарила тоа досега на светските пренства. Им успеа тоа на младите македонски ракометари и му успеа на Илија Темелковски селекторски да запише уште еден историски успех по она се уште ненадминато четврто место на младинското ЕП во Полска во 2002 година.
На Светското првенство заминаа скромно со желба да одиграат добро. И да докажат дека вредат многу повеќе од оној лански потоп на ЕП во Данска по кој многумина ги отпишаа како „многу фалена“, а „промашена“ генерација.
И докажаа дека можат и дека вредат за сите верби и пофалби. Да, ќе беше уште поубаво да ставеа точка на овој настап со победа и да завршеа на 5.место. Но, за чудо за нас, прв пат не им замеруваме за поразот од Унгарија во последниот натпревар. Затоа што играа и онака уморни и преполовени од повредите, ги дадоа последните атоми сила. Противникот беше подобар и победи. Македонија го слави шестото место. Не сме биле никогаш досега. А кога ќе се погледне подобро на табелата, па, зад нас остана и Хрватска и Словенија и ние сме најдобра млада ракометна балканска нација. А тоа не е баш мала работа.
Некој можеби ќе ни се чуди што две недели сме во еуфорија за шесто место на младинско првенство. Ама, луѓе, ова е Македонија. Радост е секоја победа, посебно ракометна.
2.Од скалите до мундијалите
Не знам дали е среќата во скалите пред РФМ, ама штом Илија Темелковски ги построи таму ракометарите, успехот не ни бега. Ја построи Ико така и онаа генерација на Борко Ристовски, Филип Миркуловски, Горан Кузманоски… пред 15 години и стигнаа до полуфинале на ЕП во Полска.
И сега, повеќе на шега, со иста поза на скалите на РФМ, тргна и оваа младинска репрезентација на подготовките во Маврово пред СП.
И, во Алжир стигнаа до четвртфинале и се враќаат со најдобро шесто место!
А, Илија Темелковски сега како селектор ги има двата најдобри резултати со македонските репрезентации на европско и на светско. Она што не им успеа и на многу позвучни тренерски имиња, на Темелковски му успева. Можеби не е Дагур Сигурдсон за Европа, но за Македонија со резултатите во изминативе две децении е како Клод Онеста!
Обично, од играчите бара да бидат тим и да играат „ со памет во глава и срце на терен“. И играат децата. На СП во Алжир беа тим, а не експеримет. Играа и победуваа.
Ја преслушувам сега одново изјавата на селекторот, пред да тргнат на подготовките, таму пред скалите на РФМ. Ни вели селекторот:
„Ако биде се во ред да поминеме осминафинале и да дојдеме до четвртфинале ќе биде добар резултат. Имаме квалитет за четвртфинале…“
Смело ни делуваше тогаш ова изјава на селекторот за мундијалско четвртфинале, па некако спонтано потоа доаѓаат неколку – „дај Боже“, „дај Боже“…
Она кога нешто многу посакуваш, а страв ти е случајно да не не биде…Како што не бидна лани во Данска.
3.Од успехот секој сака „да чепне“
Но, овој пат македонските ракометари одиграа онака како што знаат и како што можат. Во Алжир младите не беа „пензионери“ како лани во Данска, туку силна репрезентација што знае што игра и колку може.
Не сме ниво на една Франција или Шпанија и не се залажуваме дека сме. Со Тунис некако традиционално си имаме мака иако сме тука некаде исти по квалитет. Се друго беше одиграно максимално паметно и рационално. Имаме ракометари што се веќе потврдени носители на играта, но и силна клупа, играчи што максимално одговорно и успешно си го завршуваат својот дел. Во перспектива, многу поширок ростер. И, многу поголем простор за ротација и од оној што сега го има сениорската репрезентација.
Младинците ја искористија својата шанса и покажаа дека во македонскиот ракомет стигнува нова генерација достојна да ја замени претходната што е веќе на залез.
По големата победа на Македонија во осминафиналето против Алжир, господинот Лино Червар испрати порака дека „победи Македонија под името РК Металург“. Претпоставувам, сакајќи да го истакне својот и придонесот на Металург во создавањето на оваа нова генерација. Тоа е неспорно и никој не го оспорува фактот дека поголемиот дел од репрезентативците потекнуваат од школата на Металург или се дел од клубот од Автокоманда.
Да, Червар има чувство да најде и да собере таленти, а Металург со настапот во СЕХА и во ЛШ, има рејтинг да ги „добие“ младите ракометари во своите редови и да ги извади на голема сцена, и тоа никој не го негира.
Да, политиката на Металур е или беше, да биде репрезентативна база, некогаш за сениорската, а сега за младинската репрезентација. Но, едно е клуб, а нешто друго репрезентација. И, Македонија не е и не може да биде РК Металург! Впрочем, не беше ни лани кога губеа во Данска и тоа кога Червар беше селектор на сите македонски селекции…
Исто како што ни Унгарија не е Веспрем иако девет репрезентативци од составот што го освои 5.место на СП во Алжир доаѓаат од овој клуб.
Таму се знае кој е кој и што е што.
А, заслугите, па за оние вистинските и не треба потсетување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА