Машката младинска ракометна репрезентација на Македонија вечерва (21.45 ч.) ќе игра против репрезентацијата на домаќинот Алжир, во осминафиналето на Светското првенство за играчи до 21 година. Ова ќе биде нов предизвик за избраниците на селекторот Илија Темелковски и шанса оваа генерација да стигне до историското прво четвртфинале на светските младински првенства.
Настапотна македонските младинци во првите пет натпревари од групната фаза и посебно играта и победата во решавачкиот последен натпревар со Бразил, остваат простор за оптимизам и во пресрет на вечерашното омсинафинале на СП.
„Она што требаше да го направиме успеавме да го релизираме во натпреварот со Бразил и стигнавме до посакуваниот резултат. Планот уште пред првенството беше да се пласираме во втората фаза и по можност, да бидеме втори во групата за да ги избегнеме Хравтска и Исланд во осминафиналето. Успеваме во тоа, го освоивме второто место и сега за четвртфинале ќе се бориме против домаќинот Алжир. Свесни сме за чекорот што треба да го направиме. Ова е натпревар за историја за оваа генерација“ – вели селекторот Илија Темелковски.
За поголемиот дел од репрезентативците во македонскиот состав ова е последно натпреварување во младинска конкуренција, шанса да постигнат успех што не го оствариле никогаш досега и да го потврдат својот квалитет. Македонските репрезентативци предводени од капитенот Филип Талески, имаат искуство и доволно силни натпревари „во своите нозе“ за да можат да се носат со предизвикот на мундијалското осминафинале.
„Имавме и добри и лоши моменти во овие пет натпревари од групната фаза, но стигнавме до осминафинале. Може оваа репрезентација и уште повеќе. За нас е многу битен овој натпревар со Алжир за да ја надминеме таа психолошка состојба, да покажеме дека сме зрели и дека може да се носиме и да играме и против домаќинот и против притисокот од 8 илјади гледачи“ – истакнува Темелковски.
Македонскиот селектор кој во 2002 година ја предводеше тогашната младинска репрезентација до историското полуфинале на ЕП во Полска, има голема верба и во оваа нова генерација македонски ракометари.
„Мирни сме, не не фаќа паника, ни некоја голема еуфорија. Утрово имавме еден тренинг, анализа и завршни подготовки и сега мирно го чекаме натпреварот. Јас сум оптимист. Без разлика што Алжир е домаќин на првенството, ние имаме доволно квалитет да одиграме на највисоко ниво. Здрави сме, подготвени, имаме одлична атмосфера во тимот и мислам дека ќе го направиме она што се очекува од нас“ – оптимистички најавума македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА