Мартин Велковски беше еден од најзаслужните за големата победа над Бразил, постигнувајќи шест погодоци надополнети со две асистенции. Десниот бек се посилно влегува во ритам како што минува овој светски шампионат, па сигурно ќе биде значаен адут и на утрешното осминафинале против Алжир.
„Беше тешко да се игра под товар бидејќи знаевме дека со победа сме втори, но пораз ќе значеше елиминација. За разлика од претходните дуели, овојпат немавме многу време за подготовки. Бевме паднати на психолошки план по поразот од Шпанија, но вечерта гледавме видео, утрото пред мечот повторно анализиравме и се подготвувавме за оваа пресинг-одбрана на Бразил, нешто што вообичаено не ни одговара. Сепак, договоривме акции кои вродија со плод, нападот беше на висина на задачата, постигнавме 28 погодоци, а во одбраната дишевме како едно, одлично комунициравме меѓу себе и си помагавме кога имаше потреба“ – изјави десниот бек на македонската репрезентација.
Тој е свесен дека следниот противник Алжир за главен адут нема некој посебен ракометар, туку публиката од трибините.
„Сега на ред е Алжир, селекција со добри играчи, но пред се со одлична публика. Ја почувствувавме и на своја кожа пред крајот на нашиот меч, кога салата се наполни во исчекување на средбата на домаќинот што се играше после нашата. Осетивме како е да се игра пред десетина илјади луѓе, мислам дека тоа ќе биде многу добар натпревар и очекувам да победиме и да се пласираме во четвртфиналето“ – истакна Велковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА