Македонскиот првак Вардар вечерва (20 часот) на „Телеком Арена“ во Скопје го игра првиот меч од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите. Избраниците на Гоце Седлоски пред себе повторно имаат скандинавски предизвик, и ќе се обидат да го елиминираат и ФК Копенхаген, откако тоа им успеа против шведскиот Малме.
Не е голема тајна, ја ‘прочита’ веднаш и тренерот на Данците, Стале Солбакен, дека многу работи во играта на Вардар зависат од креацијата на Бразилецот Хуан Фелипе. Доколку тој добие можност да се размавне, тогаш играта на „црвено-црните“ добива бразилски шарм, кој надополнет со младоста на Бобан Николов, и одмереноста на Стефан Спировски, веќе има европски терк. Ако Гоце Седлоски се одважи и се реши за поофанзивна варијанта, која всушност и го донесе пресвртот против Малме во Струмица, тогаш Фелипе ќе има вистински партнери во завршницата во робусниот Балотели и брзиот и пробивен Блажевски. Вардар може да „тече“ брзо и по страничните позиции, со поддршката од позадина на Хамбарџумјан и на Демири.
„ФК Копенхаген е клуб со големо европско педигре. Мораме да покажеме максимален респект, но исто така и да веруваме дека можеме да ги победиме, како што го сторивме тоа и против Малме во Струмица. Многу важно е да обезбедиме предност на овој прв меч, пред реваншот што ќе се игра во Данска“, истакнува Хуан Фелипе.
Многу значајна ќе биде и цврстината во одбраната. Тука „командува“ капитенот Бобан Грнчаров и ќе мора да има беспрекорна координација со Новак, но и со голманот Гачевски. Вардар не смее да си дозволи луксуз да прими погодок на домашен терен, тоа би ги отежнало работите пред реваншот во Данска. Но, едно е јасно, Вардар мора да притисне од самиот старт и да бара триумф против Копенхаген, со цел респект што треба да го има за клубот минатата сезона беше дел од групната фаза во Лигата на шампионите, и играше во нокаут фазата од Лигата на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА