Македонскиот вицешампион Карпош соколи е казнет со суспензија од пет години од страна на Собранието на АБА-лигата, кое беше одржано денеска. Откако претходно беше изречена казна од 12.000 евра и барање за долгорочна суспензија, Собранието денеска донесе одлука дека македонскиот тим ги прекршил членовите 70.3 и 70.4 од правилникот на АБА, со непристојните коментари на претседателот Огнен Дедиќ, со што е направена огромна штета врз имиџот на АБА-лигата и нејзините спонзори.
„Донесена беше и одлука секој од ланските учесници во АБА да добие по 12.000 евра на име трошоци за транспорт за минатата сезона, сума што ќе му биде одбиена на македонскиот вицешампион на име казна. Поради сериозноста на престапот, клубовите на АБА донесоа одлука Карпош соколи воедно да биде казнет и со дополнителна петгодишна забрана на настап во сите натпреварувања организирани од страна на АБА“ – се вели во соопштението на официјалната веб-страница на регионалното натпреварување.
На денешното собрание беше официјално воведен и Супер-купот на АБА како натпреварување под капата на оваа организација. Истиот ќе се одржи од 20 до 23 септември во Бар, а на него ќе нема место за македонскиот првак МЗТ Скопје, бидејќи е решено да учествуваат најдобрите осум екипи од минатата сезона: Цедевита, Партизан, Будуќнот, Игокеа, Мега, Цибона, Морнар и ФМП, со тоа што шампионот Црвена звезда го откажа учеството поради претходно закажан евролигашки турнир, кој ќе се игра во истиот период.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА