Џејми Варди: Не се каам што го одбив Арсенал

Напаѓачот на англискиот премиерлигаш Лестер, Џејми Варди, изјави дека воопшто не се кае што одбил можна преселба во Арсенал. Лестер пред две сезони стигна до сензационално освојување на Премиер – лигата, а главните ѕвезди Џејми Варди, Ријад Марез и Нголо Канте беа цел на најголемите клубови во Англија.

Канте го замени синиот дрес на Лестер со оној на Челси, додека за Марез и Варди најголем интерес покажа Арсенал. Венгер ги сакаше во пакет најдобриот асистент и најдобриот стрелец на лигата, но „лисиците“ завршија голема работа врзувајќи ги со нови, побогати договори.

„Воопшто не се каам што ги одбив Арсенал. Донесов одлични одлуки околу мојата иднина и кариера. Со Лестер поминав премногу убави моменти. Со нив се боревме и за опстанок, и ја освоивме лигата, и еве сега во оваа трета сезона завршивме на средината на табелата, што значи дека во овој клуб секогаш е забавно. Ми се оствари сонот да заиграм во Лигата на шампиони, а го облеков и дресот на репрезентацијата благодарение на Лестер. Значи, не можам да го напуштам клубот што ми ги оствари сите соништа“, истакна Варди.

По завршувањето на минатата сезона се зборуваше дека токму сега е вистинското време за Варди да пронајде нов клуб, но тој даде јасен одговор:

„Во моментов се фокусирам на следната сезона. Мислам само на тоа да постигнам повеќе голови од лани, тоа е мојата цел“, додаде 30-годишниот репрезентативец на Англија.

 

Се вчитува...