Бенџамин Менди е најновото заилување на Манчестер сити, објавија „граѓаните“ попладнево комплетирајќи го ангажманот на левиот бек на Монако. Пеп Гвардиола инсистира приоритет летово да биде ремонт на бековските линии, па трофејниот стручњак потроши над 120 милиони фунти за страничните дефанзивци. Откако претходно беа доведени Данило и Вокер на десната страна, 22-годишниот Менди пристигнува во Манчестер како прва опција за левата бековска позиција.
„Апсолутно сум пресреќен што потпишувам за Манчестер сити. Доаѓам во еден од најдобрите европски клубови, кој во Пеп Гваридола има стратег што преферира офанзивен фудбал. Убеден сум дека во следните неколку сезони ќе бидеме многу успешни и ќе освоиме бројни трофеи“ – изјави Менди при потписот на договорот.
Трансферот на Менди изнесува 52 милиони фунти, претходно Кајл Вокер пристигна од Тотенхем за 50 милиони фунти, додека Данило ги чинеше „граѓаните“ 26 милиони фунти со трансферот од Реал Мадрид. Покрај овие тројца фудбалери, Манчестер сити се засили и со голманот на Бенфика, Едерсон, како и со плејмејкерот на Монако, Португалецот Бернардо Силва.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА