Македонија ја продолжува својата победничка серија, откако вечерва триумфираше над Холандија со резултат 78-72, по дополнителни пет минути игра. Откако одиграа под своето ниво во првите три четвртини, нашите репрезентативци блеснаа во последната четвртина, се изборија за дополнителни десет минути игра и во продолжението целосно го скршија отпорот на противникот.
Мечот почна со апсолутна доминација на противникот, кој одигра на ниво и во нападот и во одбраната, па после десет минути игра имаше двоцифрена предност од 20-9. Давитков го ротираше тимот во обид да ја најде добитната комбинација, во меѓувреме на моменти проработуваше и шутот од далечина, па ја одржувавме негативата околу десет поени и на одмор се замина со предност на противникот од 30-39.
Израмнетата игра продолжи и во третиот период, а непотребна тензија се создаде пред крајот на четвртината, кога по неколку сомнителни судиски одлуки нашите кошаркари реагираа, па Тасовски доби и техничка лична грешка при резултат 47-39. Холанѓаните го искористија тоа и погодија три слободни фрлања, потоа и тројка, па набрзина дојдоа до 53-39. Сепак, тоа не ги поколеба македонските кошаркари, проработе „инаетот“ во нашите редови, па последните десет минути „црвено-жолтите“ ги одиграа фанатично.
Третата четвртина заврши со негатива од 41-53, но потоа избраниците на Давитков ја стегнаа одбраната, па „лалињата„ цели шест минути не постигнаа ниту еден единствен поен. Македонија дури и го сврте резултатот во своја полза и поведе со 55-53, но откако гостите постигнаа четири поени во низа за 55-57 следеше тајмаут на Давитков и враќање на теренот на Војдан Стојановски и на Ѓорѓи Чековски.
Во последната минута се влезе со предност на Холандија од 58-59, имавме и напад за водство, но Костоски го промаши обидот за тројка. Следеа две лични грешки на Ѓуроски, по што Шафтенар со две слободни фрлања зголеми на 58-61 на петнаесет секунди до крајот. Холанѓаните направија наивна лична грешка при шут за тројка на Војдан Стојановски, па македонскиот капитен со три прецизни слободни фрлања израмни на 61-61, носејќи го мечот во продолжение.
Војдан ја презеде одговорноста и на стартот од дополнителните пет минути, погодувајќи два шута за 65-61, принудувајќи го холандскиот селектор на тајмаут. „Лалињата“ се вратија и намалија на 69-67, а разликата кога беше најважно ја направија Мекиќ, со офанзивен скок овозможуваќи поени на Чековски, а потоа и Стајиќ, кој со украдена топка под кошот веднаш реализираше за водство од 73-67. Сепак, веќе во следниот напад следеше неспортска лична грешка на Чековски, воедно и петта за искусниот македонски репрезентативец. „Лалињата“ намалија на 73-70, но потоа Стојановски погоди важен шут, за Костоски со тројка да стави точка, за конечна победа од 78-72.
Војдан Стојановски со 23 поени беше најефикасен кај Македонија, пред Чековски со 11 и Костоски со десет поени.
Нашата национална селекција утре (20.30 часот) го игра последниот меч од „Трофеј Македонија“, против селекцијата на БиХ, која по првите две кола има две победи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА