Младите македонски ракометари ја запишаа втората победа во вториот натпревар на Светското младинско првненство за играчи до 21 година што се одржува во Алжир. Супериорно и без поголеми проблеми избраниците на селекторот Илија Темелковски триумфираа против дебитантот на СП, репрезентацијата на Буркина Фасо со 20-48. Во следниот натпревар утре, „црвено-жолтите“ ги очекува дуелот со Тунис кој им ја отвора вратата за пласман во следната осминафинална фаза на шампионатот.
За разлика од првиот дуел со Русија кој практично беше решен во последните минути, против Буркина Фасо работите очекувано одеа многу полесно. Со седум гола во серија, Македонија се одлепи на 1-7 уште по првите десет минути од натпреварот. До 20 минута „црвено-жолтите“ примија само два гола и стигнаа до двоцифрена предност поведувајќи со 2-20 со погодокот на Иван Џонов од седмерец. Сигурната позитива и инфериорноста на противникот му остави простор на селекторот Илија Темелковски да им даде шанса и на играчите од клупата која тие добро ја искористија и Македонија на одмор по првите 30 минути замина со предност од 8-23.
Високата предност донесе мала опуштеност кај македонскиот состав на стартот од второто полувреме кога ракометарите на Буркина Фасо успеаја да постигнат пет гола во првите десет минути и намалија на 12-26. Но, „црвено-жолтите“ брзо фатија ритам и рутински ја зголемуваа предност. На средината од второто полувреме стигнаа на +20 со погодокот на Мице Шилегов за 15-35. До крајот на натпреварот само рутински ја зголемуваа предноста и ја запишаа втората победа на мундијалот во Алжир со убедливи 28 гола разлика.Најефикасен во македонската репрезентација беше Димитар Димитриоски со осум гола, Дарио Петровски беше постигна седум, а по шест погодоци запишаа Иван Џонов и Давор Палевски. Со по пет гола завршија Милан Лазаревски, Марио Танковски и Мице Шилегов. На голот на македонската репрезентација, Никола Даниловски во првото полувреме имаше седум, а Мартин Томовски во вториот дел запиша осум одбрани.
Во другите два натпревари од 2.коло во Групата Ц, Бразил го победи Тунис со 36-29, а Шпанија славеше против Русија со 31-26. По првите две кола, Македонија и Шпанија имаат максимален учинок и се на првите две места во групата со по четири бода. Во третиот натпревар, утре со почеток во 19 часот, Македонија игра против селекцијата на Тунис, а потоа следуваат последните два натпревари од групната фаза со Шпанија и со Бразил. Пласман во осминафиналето обезбедуваат првите четири репрезентации од групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА