По стартната победа над Русија и вчерашниот слободен ден во групата Ц, машката младинска ракометна репрезентација на Македонија денеска го игра вториот натпревар на СП (У21) во Алжир. Противник на Македонија во денешниот дуел со почеток во 21 часот, ќе и биде селекцијата на Буркина Фасо.
„Победата против Русија треба да ни биде поттик да одиграме квалитетно и во наредните натпревари на ова СП. Не очекуваат дуелите со Буркина Фасо и со Тунис, ако забележиме победи и во овие дуели, а тоа е нашата цел, сигурно ќе имаме добар настап на првенството. Во денешниот натпревар со Буркина Фасо мора да влеземе максималном, да одиграме како што треба и да забележиме уште една победа“ – истакнува капитенот на македонската репрезентација, Филип Талески.
Денешниот противник е дебитант на ова СП и условно, најголем аутсајдер во групата Ц во конкуренција со Македонија, Русија, Шпанија, Тунис и Бразил. Репрезентацијата на Буркина Фасо не би требало да биде посериозен проблем за играчки многу поискусниот македонски состав, но не смее ни однапред премногу да се потцени.
Во својот прв натпревар на светските ракометни првенства, младите ракометари на Буркина Фасо беа убедливо поразени од селекцијата на Тунис со 50-17. Во првото полувреме Буркина Фасо постигна само седум гола. Најистакната улога во тимот има левиот бек Кевин Надзига кој со пет гола беше и најефикасен играч во својата репрезентација на првиот меч против Тунис.
Во другите натпревари од 2.коло во групата Ц, денеска играат: Бразил – Тунис и Русија – Шпанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА