Со натпреварот против Русија, денеска во 15 часот, машката младинска ракометна репрезентација на Македонија го почнува настапот на Светското првенство за играчи до 21 година што се одржува во Алжир. Покрај Русија, противници на младите македонски ракометари во групата Ц од првата фаза на СП ќе им бидат уште и селекциите на Буркина Фасо, Шпанија, Тунис и на Бразил.
Селекторот Илија Темелковски на стартот од поготовките пред СП најави дека македонската репрезентација има квалитет и искуство за мундијалско четвртфинале, но примарна цел засега останува освојување на едно од првите четири места во групата што обезбедува пласман во втората осминафинална фаза од шампионатот.
„Приоритет е да ја поминеме првата фаза, па после ќе видиме, секоја победа е еден чекор понапред. Битно е добро да стартуваме против Русија, да играме тимски и да не разочараме. Задоволен сум од она што го одработивме на подготовките пред СП, имаме позитивна атмосфера, добра генерација и шанса да направиме успех на ова СП. Ни треба памет во глава, да бидеме фокусирани, да бидеме тим, а не да се истакнуваат само поединци и верувам дека ќе успееме“ – потенцира селекторот на македонската репрезентација.
Темелковски се уште го има приматот на селектор што го остварил најдобриот пласман во македонскиот репрезентативен ракомет. На младинското ЕП во Полска во 2002 година, генерацијата на Борко Ристовски, Филип Миркуловски, Горан Кузманоски… со Илија Темелковски играше европско полуфинале и го освои четвртото место што се уште е најголем успех што го постигнала една македонска ракометна репрезентација во сите категории. Петнаесет години подоцна, Темелковски посакува да го повтори успехот и со новата генерација што ја предводат Филип Талески и Филип Кузмановски.
„Имаме талентирана , а се уште недокажана генерација. Верувам дека на ова првенство ќе одиграме со многу поголема самодоверба во однос на претходните настапи. Сакаме, имаме желба, да направиме добар резултат на ова СП“– вели селекторот Илија Темелковски и најавува подруг пристап и многу подинамична игра во однос на ланското ЕП (У20) во Данска на кое Македонија заврши на претпоследното 15.место.
„Лани репрезентацијата ја играше препознатливата игра на Металург. Сега имаме посилно темпо и поголема динамика во играта. Тенденцијата е да имаме повеќе контри и да постигнуваме повеќе лесни голови. Тоа го игравме и на двата контролни натпревари со репрезентацијата на Катар кои ни беа корисна проверка пред СП. Можеби ќе беше добро да одигравме уште 1-2 натпревари и со некоја европска селекција, но мислам дека и вака добро го искористивме овој период за тактичка подготовка за противниците што ни претстојат на СП во Алжир, пред се за дуелот со Русија на стартот на првенството“ – вели Илија Темелковски.
И македонските репрезентативци и селекторот Илија Темелковски ја потенцираат важноста на денешниот прв меч против Русија за добро „отворање“ на шампионатот. Македонија и Русија играа меѓусебе и на ланското СП во Данска, во последниот натпревар од разигрувањето за пласман. Македонија во речиси истиот состав што ќе игра и сега, лани ја победи Русија во продолженија, со 33-32 и го избегна последното место на шампионатот.
„Се работи за една солидна репрезентација со високи играчи. Имаат добри ракометари на лев и на десен бек со силен шут од надворешните позиции кои треба добро да ги затвориме. Русија има високи репрезентативци и играат одбрана 6-0 на која ќе се обидеме да најдеме решение со добро организиран напад“ – истакнува македонскиот селектор.
На Светското младинско првенство (У21) во Алжир (18-30 јули) ќе настапат 24 селекции поделени во четири групи. Првите четири селекции од секоја група обезбедуваат пласман во втората елиминаторна осминафинална фаза. Бранител на титулата е селекцијата на Франција.
Распоред на натпреварите на Македонија во група Ц:
18 јули: Македонија – Русија (15 ч.)
20 јули: Буркина Фасо – Македонија (21 ч.)
21 јули: Тунис – Македонија (19 ч.)
23 јули: Македонија – Шпанија (19 ч.)
24 јули: Македонија – Бразил (19 ч.)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА