Швеѓаните полни оптимизам допатуваа во Струмица за денешниот реванш натпревар од 2. квалификациско коло за Лигата на шампионите против Вардар. И Ласе Нилсен е еден од оние во таборот на Малме кои веруваат дека македонскиот шампион е тим кој може да се елиминира…
„Атмосферата во тимот е навистина одлична. Секако не сме баш најсреќни со резултатот од првиот меч, но сега е нов натпревар и подготвени сме да направиме се за да продолжиме понатака во Европа“ – вели Нилсен и дополнува:
„Она што го научивме од првиот натпревар во Малме е дека Вардар е тим што може да го победиме. Сега ќе треба тоа и да го реализираме, а за истото ќе ни биде неопходна подобра реализација во нападот. На домашен терен ни недостасуваше и среќа, но верувам дека сега нема да биде така“.
Според Нилсен, „црвено-црните“ ќе играат дефанзивно на мечот посакувајќи да го зачуваат оној резултат од Малме. Но, и шведскиот тим ја научил лекцијата од првата средба…
„Веруваме дека Вардар ќе игра дефанзивно. Затоа потребно е да бидеме трпеливи, мудро да играме во желбата да постигнеме гол. А, знаеме дека гол може да постигнеме и тогаш ќе биде се полесно“ – вели Нилсен.
Натпреварот меѓу Вардар и Малме на стадионот „Младост“ во Струмица се игра со почеток од 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА