Диме Тасовски беше дополнително повикан во репрезентацијата по повредата на Симоновски, но искусниот крилен кошаркар веднаш става до знаење дека ќе биде значајно оружје на националниот тим во претстојниот претквалификациски циклус. Тој со 18 поени беше најефикасен при вечерашниот триумф над Бугарија, но членот на Работнички останува скромен кога станува збор за личниот ефект, во преден план ставајќи го колективот.
„Се наоѓаме во таква ситуација да мораме да ги користиме сите „оружја“ што ги имаме на располагање. Денеска игравме добро во нападот, се случи така јас да постигнам најмногу поени, но тоа воопшто не е важно. Можеби вечерва јас бев најефикасен, следниот дуел ќе биде некој друг, најважно е да играме добро и да победуваме“ – скромно изјави Тасовски по дуелот со Бугарија.
Како еден од најискусните кошаркари во нашиот состав, Тасовски добро ги согледува позитивните работи, но и слабостите во играта на Македонија во овој период.
„Не би можел да кажам на колку проценти сме од нашиот потенцијал, но знаеме дека имаме уште доста за работа и за напредок. Мислам дека во моментов главен проблем ни е скок-играта, тоа е нешто што треба да го поправиме, бидејќи би ни донело дополнителна сигурност во одбраната, воедно и би можеле да отвориме контранапади и да постигнуваме лесни поени во нападот. Во секој случај сме задоволни од формата во овој дел од подготовките, имаме доволно време да работиме за да бидеме уште подобри. Очекувам на претстојниот турнир во следниот викенд да прикажеме уште поквалитетна кошарка“ – истакнува Тасовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА