Македонската кошаркарска репрезентација забележа победа на контролниот натпревар со Бугарија (80-70), прв домашен меч во подготовките за претквалификациите за СП 2019. Во меч во кој очекувано имавме многу осцилации сепак одлично го контролиравме резултатот. Клучната разлика избраниците на Давитков ја создадоа во последната четвртина, кога успеаја да се одлепат, дојдоа и до двоцифрена предност, па потоа рутински го приведоа мечот до крај.
Македонија го почна натпреварот со Мекиќ во стартната петорка, крај Теодор, Стојановски, Тасовски и Чековски. Играта во одбрана функционираше беспрекорно во првите четири минути, во кои противникот не постигна ниту еден поен, а „црвено-жолтите“ набрзина поведоа со 7-0. Со поените на Војдан Стојановски имавме и предност од 9-2, но потоа гостите ја консолидираа својата игра и успеаја да се вратат резултатски. Првата четвртина со четирите поени во низа на Џордан Теодор ја завршивме со позитива од 15-11.
Симеонов погоди тројка на почетокот од вториот период, што беше најава за израмнета игра на двете страни. Со тројката на Ѓуроски, Македонија поведе со 23-19, но набргу потоа Бугарија го сврте резултатот и поведе со 24-26, прво водство на гостите на натпреварот. Taсовски со тројка ја прекина мини-серијата на противникот, по што прецизни беа и Стојановски и Теодор, па Македонија поведе со 30-26. Завршницата на полувремето беше максимално интересна, најпрвин Георгиев погоди тројка за 35-36, пред Теодор да возврати со иста мера и избраниците на Јорданчо Давитков да заминат на одмор со резултат 38-36.
Израмнетата игра од првото полувреме продолжи и во третата четвртина, во која селекциите повторно се менуваа во водство. Македонија повторно беше подобра на стартот од периодот, поведе и до 46-38, но Бугарите се вратија и во 27. минута поведоа со 51-52. Борбеноста на Јаневски под обрачите беше значаен фактор во овој дел од мечот, важна тројка погоди Стојан Ѓуроски, па во последната четвртина се влезе со предност од 57-54.
Јаневски ги постигна првите поени за Македонија во четвртата четвртина, веднаш потоа прецизен беше и Костоски и далечина, по што нашите кошаркари го контролираа резултатот. Во овој период настапивме без Џордан Теодор, кој се пожали на болка во мускулот и го проследи остатокот од мечот од клупата за резерви. Сепак, тоа не го наруши ритамот на „црвено-жолтите“, кои играа сигурно во нападот и на пет минути до крајот поведоа со 70-61. Чековски ја продолжи доминацијата под обрачите, па во 37. минута Македонија за првпат стигна и до двоцифрена предност (72-61). Гостите дојдоа до шест разлика (72-66), но кога беше најпотребно нова тројка погоди Тасовски, кој ги разреши сите дилеми околу победникот, во мечот што заврши со конечни 80-70.
Тасовски беше најефикасен во нашите редови со 18 поени, пред капитенот Војдан Стојановски со 16, Џордан Теодор со 15 и Чековски со 12 поени, 7 скока и 4 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА