Пјер Емерик Обамејанг дефинитивно нема да ја продолжи својата кариера во Кина, откако Тианјин во последен момент се откажа од намерата да го доведе асот на Борусија Дортмунд, наместо него доведувајќи го Модесте од Келн. Преодниот рок во Кина заврши попладнево, а во фокусот на вниманието беше токму Тианјин, но оваа екипа воопшто не ги обнови преговорите со Борусија Дортмунд, по што е јасно дека голгетерот од Габон нема да се сели на Далечниот Исток.
„Јас отсекогаш велев дека моја желба е Обамејанг да остане, тоа не е променето. Ќе видиме што ќе се случува во текот на преодниот рок во Европа, но нашиот став е јасен, Обамејанг како најдобар стрелец да остане во тимот“ – изјави тренерот Петер Бош.
И покрај ваквите изјави на шефот на стручниот штаб на Борусија, речиси сигурно е дека „милионерите“ ќе го продадат својот најдобар фудбалер, дури и за помалку пари од оние 70 милиони што ги бараа од Тианјин. Милан останува максимално сериозен за да го врати Габонецот во своите редови, подготвувајќи 55 милиони евра, а слична понуда подготвува и Челси, откако Антонио Конте ја интензивираше потрагата по нов голгетер по загубената трка за Ромелу Лукаку.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА