Габине Мугуруза е првата финалистка на Вимблдон откако попладнево во полуфиналето неочекувано лесно ја совлада Рибарикова со убедливи 6-1, 6-1, за 64 минути игра. Во меч што воопшто не наликуваше на полуфинале на гранслем турнир, шпанската тенисерка ја декласираше својата противничка, од самиот почеток диктирајќи го темпото и доминирајќи буквално до последниот поен.
Шпанката фантастично го стартуваше мечот, за петнаесетина минути поведувајќи со 5-0. Ривалката од Словачка освои „почесен гејм“, Мугуруза го доби сетот со 6-1, а потоа фуриозно го отвори и вториот дел, експресно поведувајќи со 4-0. Рибарикова спаси неколку брејк-топки и конечно освои гејм за 4-1, за веднаш потоа шпанската тенисерка да освои уште два гејма и триумф од преубедливи 6-1, 6-1.
Мугуруза во големото финале ќе се сретне со подобрата од второто полуфинале во кое силите ќе ги одмерат Венус Вилијамс и Јохана Конта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА