Естонскиот состав Калев ќе биде противникот на Карпош соколи во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите на ФИБА. Денешната ждрепка му беше релативно наклонета на македонскиот вицепрвак, кој избегна дуели со нешто пореномирани клубови, па за место во следната квалификациска рунда ќе се бори со состав што не е со врвен квалитет и дефинитивно не е несовладлив.
Калев без поголеми проблеми стигна до титулата во естонскиот шампионат, триумфирајќи со 4-0 во финалето против Рапла. Оваа екипа исто така се натпреварува и во регионалната ВТБ-лига, каде минатата сезона го освои 11. место со скор од пет победи и деветнаесет порази, со што беше подобра единствено од Минск и од Парма.
Сега на потег е раководството на Карпош соколи, што поскоро да ги финишира преговорите со кошаркарите кои тренерот Даскаловски посакува да останат, па тимот максимално да се подготви за своето деби во европските купови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА