Кузмановски: Време е оваа генерација да ја израдува Македонија…

Младинската репрезентација на Македонија заврши со подготовките во Маврово, па селекторот Темелковски и неговите избраници со нетрпение го очекуваат настапот на мундијалот во Алжир. Како што е веќе познато, светскиот шампионат за младинци ќе се одржи од 18 до 30 јули во оваа африканска држава, а Македонија е дел од групата Ц заедно со селекциите на Русија, Шпанија, Тунис, Бразил и на Буркина Фасо.

Работевме напорно во овој период и можам да кажам дека сме близу до топ-форма за овој светски шампионат. Подготовките во Маврово добро ни послужија, наутро работевме на физичката подготовка, а попладне на тактички план и можеме да бидеме задоволни од оствареното. Секако, постојат детали кои треба да се подобрат, па токму затоа добредојдени за нас се двете контролни средби со Катар што ќе ги играме во следниот период во Доха, пред тргнувањето за Алжир. Во истиот тој период ќе извршиме и детална анализа на противниците, за да максимално подготвени влеземе на овој младински мундијал. Во мислите моментно ни е оној премиерен дуел со Русија, бидејќи знаеме дека првите натпревари вообичаено се најзначајни“ – изјавува Филип Кузмановски.

Членот на Металург поради повреда не настапи во квалификациите, но овојпат ќе му биде на располагање на стручниот штаб и сигурно ќе претставува едно од главните оружја на Македонија во Алжир. Оваа генерација на ракометари веќе има зад себе доволно искуство од настапи на големите натпреварувања во младински категории, што сигурно ќе им биде добредојдено на претстојниот мундијал.

Секако дека настапите од претходните европски шампионати како искуство се голем плус за нас, очекувам овојпат притисок да биде помал. Свесни сме за своите квалитети и тоа ни дава верба за успех. Покрај тоа, знаеме дека ова е последно големо натпреварување во младински категории за нас и сакаме како генерација да ја израдуваме Македонија, тоа ќе ни даде дополнителен мотив за игра и победа. Она на што сме насочени е пласман во осминафиналето, па потоа во нокаут фазата да сториме се за да стигнеме што подалеку и да оствариме позначителен успех“ – оптимистички е расположен македонскиот „бомбардер“.

Се вчитува...