Милош Теодосиќ е подготвен да го стави својот потпис на договорот со Чикаго булс и конечно да заигра во НБА-лигата. Најдобриот плејмејкер во европската кошарка по долго размислување реши да ја напушти ЦСКА Москва и да го прифати предизвикот што го носи НБА-лигата, а од неколкуте понуди од другата страна на Атлантикот ја прифатил токму онаа на Чикаго.
Финансиските детали не се обелоденуваат, но станува збор за понуда супериорна во однос на онаа на ЦСКА, откако рускиот гигант му понуди на Теодосиќ нов тригодишен договор за вкупно 12 милиони евра.
Чикаго отвори простор во тимот за Србинот откако „биковите“ синоќа и официјално го раскинаа договорот со првиот плејмејкер, Рејџон Рондо. Заедно со него тимот го напушти и бекот Ајзеа Канан, со што сега останува само уште официјалното потпишување на договорот за Теодосиќ да му се приклучи на Чикаго.
Веднаш по потписот на договорот одличниот плејмејкер ќе се врати назад во Србија, на подготовките на својата репрезентација за Евробаскет 2017.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА