Барса го откупи Деулофеу… за да го препродаде

Раководството на Барселона денеска и официјално ја активираше клаузулата за откупување на договорот на Жерар Деулофеу со Евертон, за сума од 12 милиони евра. Каталонците при продажбата на Деулофеу во англискиот премиерлигаш се погрижија да имаат можност да го вратат во своите редови, а по одличните игри на неговата позајмица во Милан челниците на Барса решија да го откупат неговиот договор со „карамелите“.

Барселона ја активираше клаузулата за враќање на Жерар Деулофеу. Во следните денови ќе бидат договорени условите и со Евертон и со самиот фудбалер“ – се вели во клупското соопштение на Барселона.

Крилниот офанзивец веќе стави до знаење дека не сака да се врати во Барселона за да ја грее клупата, но каталонците во секој случај не планираат да го задржат. Имено, шпанските медиуми посочуваат дека станува збор исклучиво за бизнис потег, откако претседателот Бартомеу увидел дека вредноста на младинскиот репрезентативец скокна на околу 20 милиони евра. Во ситуација кога тој е достапен за 12 милиони, првиот човек на Барселона ја искористи можноста да го врати привремено на „Камп ноу“, за потоа во текот на летото да го препродаде.

Милан е еден од клубовите што покажува сериозен интерес за Деулофеу, исто како и Интер и Рома, така што каталонците ќе немаат никаков проблем да го продадат одличниот офанзивец и да заработат милионска сума од неговиот трансфер.

Се вчитува...