Еден од најголемите таленти на македонскиот фудбал, 17-годишниот Елиф Елмас се раздели со Работнички во очекување на официјализацијата на неговата следна фудбалска дестинација.
Елмас денеска се збогуваше со досегашните свои соиграчи на кои им посака успешен настап против Тре Пене во Сан Марино на стартот од натпреварите ова лето во квалификациите за Лигата на Европа.
„Романтичарите“ денеска заминуваат за Сан Марино каде во четврток ги очекува натпреварот со Тре Пене, а со нив не отпатува Елмас кој е пред преселба во нов клуб. Како што е познато од претходно, Елмас веќе има преддоговор со холандскиот Херенвен но оставен е простор за ангажман и во далеку поголем клуб ова лето. Веќе отворено се навестува дека најблиску е до договор со шпанскиот прволигаш Лас Палмас, а евентуалната преселба дефинитивно треба да биде соопштена наредниве денови.
Работнички, пак, во Сан Марино, покрај без Елиф Елмас ќе биде и без Шиков и Најдовски кои мора да паузираат поради жолти картони кои ги влечат во европските купови. „Романтичарите“ се голем фаворит пред пресметките со тимот од Сан Марино, во очекување на пласман во следната рунда натпревари од квалификациите за Лигата на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА