(Ин)директ: ФЕНОМЕНИ!

Екипа

[one_third last=”no”]…[/one_third]

Три дена поминаа од завршниот настап на младите македонски фудбалери на Европското првенство во Полска. Толку време и јас го барав вистинскиот збор за насловот, што најреално ќе го отслика тоа што го направија со вбројувањето на Македонија меѓу европските фудбалски велесили. За првпат во историјата, Македонија играше на Европско во фудбал.

ФЕНОМЕНИ! Мислам дека тоа е вистинскиот епитет. Не е оригинален, го има кажано претходно и селекторот Благоја Милевски за своите избраници.

Имав среќа да бидам дел од ЕКИПА-та новинари што ги следеа во живо трите натпревари на ЕП, а, секако и низ квалификациите.

Тие се вистински феномени, затоа што успеаја Македонија, држава со еден и пол фудбалски стадион, да ја пласираат на Европско првенство. А за тој едниот, каде треба да се одржи Суперкупот на Европа, дуелот меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, секојдневно се расправаат двете партии кои ја украдоа Македонија во изминатите 26 години. Нормално, расправијата е кој повеќе украл!

Ете, од една таква земја, со фудбалска лига која има (то ест нема) квалитет на самото дно од фудбалска Европа, тие изникнаа и отидоа на Европско. Најголем дел од нив се токму од нашата македонска лига, каде терените се поплавени после еден дожд, каде половина клубови немаат стадиони, па играат на околни ливади оградени со жица. Од тоа што ние си го нарекуваме фудбал, се појавија МОМЦИ МАКЕДОНЦИ, кои навистина играат европски фудбал.

bardi slavi makedonija

Ако некој мисли дека резултатите што ги постигнаа на ЕП не се доволно добри, воопшто нека не чита понатаму. Тој не разбира фудбал. Не разбира дека оваа фудбалска селекција на Македонија е првата која НАВИСТИНА ИГРА ФУДБАЛ. Сите останати досега, само учествуваа на натпревари. А откако ќе завршат кариера, најсилни се – само на зборови.

Барди, Николов, Велковски, Ангелов, Алексовски, Елмас…се уште не се фудбалери од европска класа, но како селекција, како тим, успеаја да влезат меѓу велесилите во Европа. Се разбира, тука огромна е заслугата на селекторот Боби Милевски, кој им ја даде потребната самодоверба, ги издржа и кога грееја клупа, ги бодреше и кога не им одеше, ги намести сите коцки за мозаикот да биде победнички. А, имаат овие наши репрезентативци имаат голема можност, талент и карактер, навистина да станат европски фудбалери.

makedonija - srbija 5

Низ квалификациите, Македонија ја остави зад себе една Франција, земја која во моментов ги има најголемите таленти во светот на фудбалот, а на ЕП достојно се надигруваше со Шпанија, со Португалија, со светскиот првак до 20 години, Србија.

За тие што не разбираат фудбал, а продолжија да читаат, со оглед дека во нашава Македонија, сакале или не, сите разбираат политика, сликовито ќе им ја трансформирам темата.

Македонија влезе во светот на Г-12, селекциите кои се кремот на европскиот фудбал до 21 година. Играше против една моќна Шпанија, со Саул, Асенсио, Делофеу…Тоа е исто како Македонија да се обиде да и се спротивстави на Америка со воената ескадрила. Ние немаме ниеден авион, а Американците нас не гледаат од Месечината, додека ние спиеме дома. Ако почнат да пукаат, тешко нас.

За мене, овие македонски фудбалери се навистина ФЕНОМЕНИ. На феноменален начин го претставија македонскиот фудбал во Европа, кревајќи го неколкукратно досегашниот наш квалитет. Можеби и нереално горе, но убаво ни е вака. Само што, ќе треба и да се задржиме горе.

makedonija

Сепак, отсега нашите „херои“ ќе ги гледаме со други, европски очи. Ни ја вратија самодовербата, ни ја набилдаа гордоста, ни ги зголемија апетитите, и сега ќе чекаме, ќе посакуваме…

Македонија да игра на Европско или на Светско во сениорска конкуренција. Со нив како предводници на А-тимот. Затоа што во Европа и во светот – тоа е вистинското мерило за фудбалски квалитет!

Се вчитува...