Сосема вообичаено кога е во прашање собирот на најдобрите млади репрезентации во Европа, бројни скаути на најголемите европски клубови присуствуваат и на Европскиот шампионат во Полска.
Очекувано не беа избегнати ниту натпреварите на младата репрезентација на Македонија, која нуди и тоа како сериозен индивидуален потенцијал од своите редови за ангажман во најквалитетните европски шампионати.
Според нашите информации, согласно изданијата на македонските репрезентативци, главното внимание на дел од скаутите на клубови од Германија, Италија, Шпанија, Португалија и Белгија е насочено кон тројката фудбалери од средината на теренот Бобан Николов, Енис Барди и Елиф Елмас. Без сомнение, Барди, Николов и Елмас оставија најдобар впечаток од поединците во македонската млада репрезентација, кој апсолутно не остана не забележан.
Енис Барди веќе е цел на бројни екипи од Европа, иако веќе сериозно се тврди, како што претходно пренесе и ЕКИПА, дека шпански Леванте е најзагреан за неговите услуги. Фокусот е насочен и кон Бобан Николов кој одигра извонредни три натпревари, па многу лесно може да се случи ова лето да ги напушти вардаровите редови доколку пристигне сериозно задоволителна понуда на адреса на „црвено-црните“.
Новата надоаѓачка ѕвезда на македонскиот фудбал, Елиф Елмас, пак, веќе е мета на клубови од Германија, Турција и Англија. Елмас, иако не беше дел од селекцијата низ квалификациите за ЕП, сепак успеа да го насочи вниманието кон себе во Полска со одличните партии на трите дуели во Гдиња и Бидгошч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА