Европското првенство во Полска значеше крај за најдобрата македонска фудбалска генерација во историјата која ни го донесе првото наше учество на една завршница на најдобрите на Стариот континент. Генерација, предводена од Благоја Милевски, кој засекогаш ќе остане запишана со златни букви во нашата фудбалска историја.
Шампионатот во Полска значи збогум за 16 фудбалери од младата репрезентација, но дефинитивно само догледање за репрезентативниот дрес, затоа што добар дел од нив во иднина ги очекуваме во сениорскиот состав. По натпреварот со Португалија синоќа, во иднина меѓу младите репрезентативци нема да ги гледаме Игор Алексовски, Бобан Николов, Енис Барди, Ѓоко Зајков, Дарко Велковски, Бесир Демири, Егзон Бејтулаи, Давид Бабунски, Дамјан Шишковски, Кире Маркоски, Марјан Радески, Виктор Ангелов, Даниел Аврамовски, Висар Муслиу, Мевљан Мурати, Филип Пивковски… Кој од нив ќе продолжи меѓу сениорите ќе се види многу набрзо, но веќе и сосема кристално јасно се навестуваат имињата кои ќе бидат добар темел и за А репрезентацијата во следниот квалификациски циклус.
А, што се однесува до младите, новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП започнува веќе во септември. Во таборот на Благоја Милевски, од фудбалерите кои беа на ЕП во Полска, а кои се родени во 1996 година и помлади, остануваат Никола Ѓоргев, Елиф Елмас, Јован Попзлатанов, Петар Петковски од Вардар, Тихомир Костадинов од словачки Злате Моравче, како и Давор Здравковски од Македонија ЃП, Алекса Амановиќ од Јавор, Србија и голманот Филип Илиќ од Гандзасар, Ерменија.
На нив се надополнуваат и Никола Кулески од Сиднеј, новиот фудбалер на Академија Пандев, Костадин Чешмеџиев, Енур Тотре од Шкендија, Матеј Цветаноски од Пелистер, Бенјамин Демир… кои заеднички треба да го изградат костурот на селекцијата која ќе мора да „живее“ под притисокот на успехот на својата претходна генерација.
Противници на Македонија во квалификациите за ЕП 2019 во Италија се Русија, Србија, Австрија, Ерменија и Гибралтар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА