ЕКИПА во Гдиња,
Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски
Младата фудбалска репрезентација на Македонија го заокружи својот настап на Европското првенство во Полска. Синоќа загуби од Португалија, но уште еднаш покажа храбра игра и ги собра аплаузите од навивачите. Ги освои срцата и на полските фанови на стадионот „Миејски“ кои во текот на целиот меч навиваа за Македонија.
Настапите на младите репрезентативци во живо, во Гдиња и во Бидгошч, ги следеше и селекторот на А-тимот, Игор Ангеловски.
„Оваа генерација на млади македонски фудбалери ќе остане засекогаш запишана во историјата како прва која успеала да избори пласман на Европско првенство. И не само да избори настап, туку и одлично да го презентира македонскиот фудбал во Европа. Би сакал да им честитам на фудбалерите и на стручниот штаб за се она што го направија во изминатиот период, можеби уште и не сме свесни каков огромен успех за Македонија е самото учество меѓу овие 12 селекции во Европа. На тие што заминуваат од младинската категорија, би сакал да им посакам уште подобар развој на фудбалските кариери, и најголем дел од нив сигурно се и иднината на А-тимот на Македонија, и ќе носат уште многу радости. На оние помладите, би им порачал да се обидат да го следат примерот на оваа генерација, нивното заедништво, сплотеноста, храбрата игра и начинот на кој со гордост го носат националниот дрес. Секако, огромни честитки до стручниот штаб, на чело со селекторот Благоја Милевски, за фантастичната работа во изминатите две години, почнувајќи од стартот на квалификациите, и не се сомневам дека со таква студиопзна и напорна работа ќе се продолжи и понатаму. Ова се моменти со кои треба да се гордее Македонија, благодарение на младите фудбалери од оваа генерација“, изјави за ЕКИПА, селекторот Игор Ангеловски, по завршувањето на настапот на младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година на Европското првенство во Полска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА