ЕКИПА во Гдиња,
Владимир Булатовиќ, Никола Ѓуровски, Игор Паневски
Селекторот на Македонија, Благоја Милевски максимално емотивно ја доживеа последната своја прес-конференција на Европското првенство низ која им честиташе на сите свои фудбалери кои достоинствено ја претставуваа Македонија на собирот на најдобрите на Стариот континент.
„И честитам на Португалија на победата која ја заслужи, но сакам да им честитам на нашите фудбалери кои повторно докажаа дека не случајно се во Полска. Повторно и на овој натпревар одиграа максимално гордо на теренот против една силна селекција. Затоа мора да кажам дека сум горд на секој од нив поединечно, и може и самите тие да бидат горди на себе“ – рече Милевски на прес-конференцијата дополнувајќи:
„Целта која ја имавме пред овој турнир, според мене, е исполнета. Дојдовме да играме отворен фудбал, да се надигруваме со секој противник, да покажеме дека има генерација која знае што е тоа фудбал. И успеавме во истото. Уште од дуелот со Шпанија наметнавме ритам за рамноправно надигрување со секој противник, и затоа сум крајно задоволен од тоа што овде го демонстрираа. И покрај тоа што сите знаеме под какви услови тие работат, и покрај тоа што сите знаеме против какви противници игравме овде во Полска. За нас единствен недостаток на овој турнир беше што нашите момци немаат силни натпревари од европски ранг. Тоа се чувствува кај момците, и од аспект на физичката подготовка. Се надевам дека и нашите клубови ќе бидат што подолго на европската сцена, па и фудбалерите како индивидуалци ќе имаат далеку поголемо искуство за вакви турнирски натпревари“.
Благоја Милевски го имаше последниот натпревар со оваа генерација, а од септември продолжува со нова генерација во битката за пласман на ЕП….
„За мене беше огромно задоволство да работам со овие момци. Имав среќа ете јас да бидам со нив изминативе години, и да бидам сведок на тоа како на сите нас ни покажаа како се игра на терен за националниот дрес, и како се сака Македонија. Јас се надевам дека ова е само почетен пат кој го отвораме за македонскиот фудбал, а во иднина ќе продолжиме да бидеме континуиран учесник на Европски првенства, и во младински и во сениорска конкуренција“ – рече Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА