Македонскиот шампион, екипата на Вардар е најдобриот македонски клуб на најновата вечна листа на УЕФА на најдобрите фудбалски колективи на Стариот континент.
Вкупно осум македонски клубови, кои во периодот од 1955 година па до денес настапувале во европските клупски натпреварувања, имаат место на вечната листа на УЕФА од вкупно 500 европски клубови колку што имаат ранкинг.
Само две екипи се меѓу 200 најдобри клубови во Европа, Вардар и Работнички. „Црвено-црните“ се на 174. место на вечната листа, а Работнички е на 181. место. Понатаму следат, Слога југомагнат на 293. место, Силекс на 331. место, Победа – 371. место, Македонија ЃП на 452. место, Шкендија на 462. место и Ренова на 463-та позиција.
На врвот на листата е Реал Мадрид, пред Баерн Минхен и Барселона, а понатаму во Топ 10 се уште и Манчестер јунајтед, Милан, Јувентус, Бенфика, Порто, Арсенал и Ливерпул.
ДАРКО ПАНЧЕВ – единствен Македонец на вечната листа на најдобри стрелци во ЛШ
Дарко Панчев е единствениот Македонец кој е на вечната листа на најдобрите стрелци во Купот на европските шампиони, односно Лигата на шампионите. Панчев е меѓу фудбалерите кои постигнале најмалку 10 погодоци во најквалитетното европско клупско натпреварување. Македонскиот фудбалер на векот има 11 гола во КЕШ во дресот на белградска Црвена Звезда.
На врвот на листата на најдобрите стрелци е Кристијано Роналдо со 109 гола, пред Лионел Меси кој има 94 погодоци и Раул кој е со 71 гол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА