ЕКИПА во Гдиња,
Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски
Селекторот на репрезентацијата на Португалија, Руи Жорге на официјалната прес-конференција одржана во Гдиња пред утрешниот натпревар со Македонија во Групата Б на Европското првенство во Полска, категорично потенцираше дека неговата селекција без размислување ќе атакува на победа, иако максимално ја почитуваат селекцијата на Македонија.
„Максимално сме фокусирани на нашата примарна цел победа – против Македонија. Но, тоа е само примарна цел, а веднаш потоа е и интенцијата да се победи со што е можно поголема разлика, затоа што само на тој начин ќе може да се надеваме на пласман во полуфиналето во очекување на резултатите во другите групи“ – истакна Жорге, притоа дополнувајќи:
„Секако тоа не значи дека ја потценуваме Македонија која покажа дека не е воопшто случајно на ова Европско првенство. Но, ние имаме свои желби. Ги анализиравме Македонците кои имаат многу позитивни страни, колективна и цврста игра. Секогаш се незгодни за секој противник, но имаат и недостатоци кои ние ќе се потрудиме да ги искористиме“.
Централни имиња во составот на Португалците се Ренато Санчез од Баерн Минхен, Гуедеш од ПСЖ и Диого Хота од Порто. Во тимот за дуелот против Македонија нема да биде дефанзивецот Семедо и еден од најдобрите фудбалери во средниот ред, капитенот Фернандеш, кои ќе мора да паузираат поради жолти картони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА