ЕКИПА во Гдиња,
Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски
Два дена поминаа од поразот со Шпанија, „петката“ се уште боли, со оглед дека младите македонски фудбалери заслужија многу подобар резултат според прикажаната игра, но веќе фокусот е целосно насочен кон утрешниот втор меч на ЕП, против Србија, во Бидгошч.
Играчот за врска Давид Бабунски е секогаш оптимист, верува во успех, и вели дека е задоволен што оваа млада генерација фудбалери покажа дека може да се надигрува храбро и со Шпанците.
„Имавме посед на топка, на моменти ги притиснавме и Шпанците, создадовме неколку одлични шанси пред нивниот гол. Недостигаше само реализацијата, а крајниот резултат дефинитивно не е реална слика за настаните на тој меч. Но, таков е фудбалот, а ние веќе не размислуваме за Шпанија. Тоа е оставено зад нас, и сега сме максимално концентрирани на вториот натпревар против Србите. Докажавме дека можеме да се надигруваме со секого, и сигурно дека против Србија ќе сториме се за да извлечеме позитивен резултат. Сакаме победа, тоа сигурно нема да го криеме, напротив, ќе играме храбро и со срце, за да го оствариме првиот триумф на ова Европско првенство. Србите секако заслужуваат респект, имаат во своите редови одлични фудбалери, но мислам дека можеме да им се спротивставиме сериозно со нашиот тимски дух“, вели Давид Бабунски, во пресрет на утрешниот втор меч за Македонија на Европското првенство за селекции до 21 година што се одржува во Полска.
Македонија и Србија ќе ги одмерат силите утре, со почеток во 18 часот, во Бидгошч. Македонскиот национален тим од својата база во Сопот веќе отпатува за Бидгошч, каде денеска ќе го одработи и официјалниот тренинг во пресрет на утрешната пресметка со Србите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА